Визија на училиштето
Се стремиме кон училиште кое е во чекор со сите општествени промени, каде што реформите во континуитет траат, а учениците имаат можност да ги задоволат своите различни образовни потреби. Преку заемно почитување и соработка ги поттикнуваме учениците да ги развиваат вештините, знаењата и ставовите неопходни за самоактуализација, како одговорни и образовани граѓани. Сакаме училиште кое има активна улога во општеството во согласност со интересите на општеството. Со планираните активности, програми и проекти се стремиме кон квалитетни резултати да ги оствариме целите насочени кон ученикот и неговиот развој, при што големо внимание се посветува на учењето и поучувањето, одговорноста и самостојноста како на ученикот така и на наставникот.
Мисија на училиштето
СОУ „Гошо Викентиев“ – Кочани е училиште со повеќе од 50-годишно постоење, коешто секогаш е отворено за нови идеи кои поттикнуваат индивидуалност и креативност, соработка и договор, развој на повисоки интелектуални способности и образование со кое ќе може да се одговари на животните предизвици. Нашето училиште е демократска мултикултурна заедница, во која ученикот секогаш е во центарот на вниманието. Нашата основна мисија е да му овозможиме на секој ученик да ги изрази и да ги развива своите способности и особини на личноста преку следење на задолжителна, изборна, додатна и дополнителна настава.
За нашето училиште
Училиштето СОУ „Гошо Викентиев“ е основано со Одлука на народниот одбор на Кочани на 5 декември 1959 година како индустриско училиште со практична обука. До оформувањето на ниво на училиште, со паралелките се работело во подрумската просторија на зградата на училиштето. Се обучувале металостругари, металоглодачи, машинобравари и бравари. Во учебната 1962/63 година училиштето ја почнало својата сопствена зграда во сегашното Основно училиште „Малина Попиванова“.
Седумдесеттите години
Во седумдесеттите години се отвора првата електротехничка струка, насока електротехничар-енергетичар. Тогаш училиштето прераснува во прв Електромашински училишен центар во источниот дел на Македонија, опфаќајќи ученици од Гевгелија до Делчево. Бројот на паралелките е повеќе од петнаесет.
Осумдесеттите години
Во осумдесеттите години на минатиот век, училиштето се зголемува со повеќе од триесет паралелки. Машинската струка е заокружена со сите потребни профили, кон електротехничката е додаден профилот електроинсталатер и монтер, воведена е графичката струка, како и профилот возачи во сообраќајната струка.
Паралелно со растот на квалификуван наставен кадар, Решение за нова училишна зграда донесува Собранието на Општина Кочани. Новата училишна зграда, сегашната, е пуштена во употреба на 01.09.1985 година.
Соодветно на потребите на индустриските капацитети во деведесеттите години на минатиот век, „Руен“, „Хартија“, „Атом“, „Печатница“ и др., се отвораат профилите: хемиско-технолошка струка, ѕидаро-фасадери, нови профили на графичката струка.
Училиштето денес
Денес во училиштето се школуваат 1278 ученици во 38 паралелки, во три струки (сообраќајна, машинска и електротехничка) и 11 профили. Наставата ја изведуваат 67 професори организирани во 7 стручни активи.
На секој ученик му е овозможено покрај добивањето на ученичката диплома со завршувањето на училиштето да се здобие и со возачка дозвола.
Од основањето до денес училиштето е во пораст како по бројот на учениците, наставниците, така по стручните профили, современата наставна технологија, просторот и модерните наставни програми.
Особено со влегувањето во новиот милениум, следува понатамошно осовременување на наставата со докомплетирање и пренасочување кон нови профили од тригодишно и четиригодишно образование во електротехничката, машинската и сообраќајната струка. Последните отворени профили во четиригодишното образование се: „техничар за компјутерско управување“ (машинска струка), „електротехничар за компјутерска техника и автоматика“ (електротехничка струка) и „техничар за транспорт и шпедиција“ (сообраќајна струка). Со моменталниот заокружен капацитет броиме 42 паралелки. Училиштето поседува спортска сала со модерна инфраструктура, спортски терени, асфалтиран автополигон и еколошки уреден училиштен двор.
Младинска организација „Авангарда“
Паралелно со формалното образование ги следиме потребите на младите за нивно факторизирање во општеството. Тие активности ги спроведуваме преку младинската организација „Авангарда“ и Канцеларијата за кариерен развој.
Трите клучни белези на функционирање на училиштето се: кадровската структура, современата кабинетска настава и развојната компонента. Тоа му дава имиџ на посакувано училиште за учење и работа во регионот. Училиштето гради партнерски односи со други училишта од земјава и странство, со фирми и други социјални партнери во државава.
Мултидисциплинарниот развој на полето на автоматиката, роботиката и иновациите, како и забележителните успеси кои нашите ученици ги постигнуваат на натпревари од домашно и меѓународно ниво, ни даваат надеж дека СОУ „Гошо Викентиев“ допрва има што да покаже во периодот кој следува.
Специјализирани простории
Училиштето располага со 20 специјализирани училници – кабинети за квалитетно изведување на теоретската настава, 5 работилници за потесната практична настава, 5 специјализирани кабинети за практична настава и автосервис. Имаме европски стандард на корисна површина по ученик од 9,72 м2. Мошне функционални се ходниците, скалите, санитарните јазли и други помошни простории во училишната зграда. Осумте канцеларии се доволни за раководниот кадар, педагошката служба и администрацијата. Има и доволно магацински и складишен простор на училиштето.
Проектното работење во континуитет е одлика на модерната настава во специјализирани училници, кабинети, применливата практика во сопствени работилници и тимското работење во истражувањето и унапредувањето на наставниот процес и програма.
Општи информации
Име на училиштето | СРЕДНО ОПШТИНСКО УЧИЛИШТЕ „Гошо Викентиев“ – Кочани |
Адреса, општина, место | ул. „Теодосиja Паунов“ бр. 111, 2300 Кочани |
Телефон | 033 345-432 033 294-247 |
Факс | 033-294-001 |
Е-маил | [email protected], [email protected] |
Основано од | Собрание на Oпштина Кочани |
Година на верификација | 18.05.1963 |
Верификација – број на актот | Решение бр. 07-5416/60 од 18.05.1963 |
Јазик на кој се изведува наставата | македонски |
Година на изградба | 1985/86 година |
Тип на градба | армирано-бетонска |
Површена на објектот | 5292 м2 |
Површина на училишниот двор | 50 000 м2 |
Начин на загревање на училиштето | Парно греење – комбинирано дрва и масло за горење |
Број на струки | 3 (машинска, електротехничка и сообраќајна) |
Број на паралелки | 35 |
Број на смени | 2 |
Вкупен број на училишни згради | 1 |
Број на спортски терени | 2 (спортска сала и отворени игралишта) |
Број на катови | Приземје и два ката |
Број на училници | 30 |
Специјализирани училници | 4 |
Број на работилници | 5 (металостругарска, машинобраварска, автомеханичарска, машинска – 2 работилници и 2 електроработилници и два електрокабинета) |
Број на помошни простории | 15 (просторија за наставници, канцеларија за: директор, помошник директор, психолог, педагог, дефектолог, секретар, благајник и архивар, младинска просторија, книжарница, бифе, просторија за прием на родители, за складирање учебници и за училишно радио) |