Во текот на месец септември 2024 година од страна на МИМ (Македонски институт за медиуми), а со поддршка на USAID во склоп на проектот „Младите размислуваат“, МОН и БРО ,беше распишан повик за основање на медиумски клуб- центри до сите основни и средни училишта во нашата држава. Чест и задоволство ни е да Ве информираме дека проектот на СОУ „Гошо Викентиев“-Кочани е еден од најуспешните петнаесет средни училишта во нашата држава, кое ја доби наградата со што во иднина ќе се креира еден таков Младински медиумски клуб центар кај нас. Координатор и апликант на проектот за нашето училиште, е професорката Илинка Глигорова Јосифовска.
Медиумските клубови треба да вклучуваат едукативни и практични активности кои ќе се одвиваат во рамки на воннаставните активности. Притоа, учениците ќе учат како да создаваат веродостојни, објективни и проверени медиумски содржини користејќи различни формати, вклучително и текст, видео, поткасти, блогови и фото-новинарство. Учениците, во координација со наставникот ќе имаат можност да предлагаат и да обработуваат теми коишто се поврзани со образовниот процес и училишните активности, но и со културни, забавни, спортски, научни или други теми кои се од интерес на младите. Следуваат низа обуки и активности околу создавањето и работата на клуб центарот, за што благовремено ќе проследиме информации. Воедно ова е одлична можност за продлабочување на соработката со локалната заедница, другите општински основни и средни училишта и секако локалните медиуми.
МЛАДИНСКИ МЕДИУМСКИ КЛУБ ЦЕНТАР ВО СОУ „Гошо Викентиев“ – Кочани